Денеска во СУГС „Јосип Броз Тито“ на учениците од трета година, како потенцијални идни активни учесници во сообраќајот, им беше претставен едукативниот проект „Паркирај совесно!“, што ќе се реализира во три фази со времетраење од четири месеци.
– Град Скопје ја поддржува оваа едукативната кампања на ЈП Градски паркинг, ЈП ПОЦ и СВР Скопје што ќе се реализира во сите средни училишта. Со овој проект работиме на подигање на свеста и на културата за одговорно паркирање, како и општо подигање на одговорноста на сите учесници во сообраќајот во однос на почитувањето на сообраќајните правила. Целната група на која се однесува оваа едукативна кампања се средношколците како најмлади учесници во сообраќајот во својство на возачи на моторни возила. При тоа ќе ми дозволите да нагласам дека за мене лично средношколците се особено драга категорија на граѓани од причина што и мојата ќерка е на оваа возраст, па овие теми често ги разговараме и дома – изјави Шилегов.