Денес го прославуваме Патрониот празник на нашата гимназија и со задоволство и гордост го гледаме изминатиот седум и полдецениски пат по кој врвеле многу генерации ученици, професори и друг вработен персонал. Самиот факт од долготрајното опстојување на нашата воспитно-образовна установа нè задолжува да се потсетиме на нејзината историја и нејзиното значење и улога во развојот на нашиот град, но и пошироко на нашата држава.
Почетокот на нашата приказна е во далечната 1945 година кога Гимназијата започнува да работи како Прва скопска гимназија на македонски јазик. Се чувствува голема возбуда во зборовите на првиот директор на Гимназијата, професорот Васил Иљоски кога кажува дека во главниот град на ослободена Македонија ја почнува својата работа првата во историјата на македонскиот народ, гимназија со наставен македонски, мајчин јазик. Оттогаш па сè до денес бележиме многу промени, многу реформи во работата на Гимназијата, но постојан е стремежот за надградување на квалитетот и осовременување на воспитно-образовниот процес. За време на своето постоење и работење Гимназијата растеше и постепено го градеше ликот на една од најуспешните воспитно-образовни институции во државата. Својот професионален, стручен и личен ангажман во неа го вградија многу професори коишто со посветеност и ентузијазам пристапуваа кон својата благородна професија. Гимназијата стана дел од животот на многу млади луѓе кои своите најубави младешки спомени ги носат токму од средношколските клупи. Тие, некогаш млади луѓе желни за знаење, денес се успешни професионалци во различни области, научници, лекари, политичари, уметници, економисти, кои се гордост на нашата гимназија и кои со своите стручни знаења и заложби даваат огромен придонес во развојот на нашата држава. Еден дел од некогашните ученици денес се наследници на нивните професори во Гимназијата.
СУГС Гимназија „Јосип Броз Тито“ денес е модерна образовна установа која ги следи сите актуелни новитети во поглед на унапредувањето на воспитно-образовниот процес. Наставата се одвива со примена на наставни форми и методи кои ги доближуваат наставните содржини до ученикот на новото дигитално време. Опремена е со современи наставно-нагледни средства и помагала кои го поттикнувааат и зголемуваат интересот на учениците, а професорите перманентно стручно се усовршуваат. Во средиштето на сите активности во Гимназијата е ученикот кој има можност да ги искаже и развива своите способности и афинитети во најразновидните наставни и воннаставни активности и да се докажува на многубројните конкурси и натпревари. Нашите ученици се нашата гордост, нивните успеси се наши успеси и признанија за нашата работа.
Прославувањето на јубилејот–75 години од постоењето, нè обврзува да продолжиме со уште поголема ангажираност и вложување во работата за постигнување на уште поголеми резултати во воспитно-образовниот процес. 75 години постоиме и нашите амбиции и стремежи се секогаш насочени кон понатамошно растење, кон напред, кон подоброто, кон поубавото, кон иднината.